„А1 Аcademy е место за осознавање на дигиталните вештини!“
Академијата A1 Academy спроведена од А1 Македонија официјално започнува на 18 октомври 2022 г. со првиот модул за Digital marketing, каде што учесниците ќе имаат можност да ги научат основите на дигиталниот маркетинг и да се стекнат со нови дигитални вештини.
Разговараме со Дарко Каранфилов, млад професионалец, кој е подготвен преку практични примери своето знаење да им го пренесе на учесниците на А1 Academy.
Дигиталниот маркетинг е тема што не може да се избегне во модерното време и во последнава деценија станува примарен дел од самиот процес на дигитализација. Кога Дарко ја препозна важноста на дигитален маркетинг и што те привлече во оваа област?
Целиот мој живот ме интересира светот на маркетингот. Уште од најмала возраст, рекламните пораки отсекогаш ми го привлекувале вниманието, независно дали на телевизискиот екран, или во печатена форма во весници и списанија.
Интернетот и неговата можност да го направи светот подостапен ме фасцинираше уште кога бев ученик во основно училиште во раните 2000-ти. Како што растев, така и интернетот се развиваше со се поголема брзина. Почнав да ја сфаќам неговата моќ да пренесе порака и можностите кои ќе ги отвори за нови професии и бизниси.
Изборот на професија си дојде последователно на моите интереси кои ме следеле постојано.
Како наједноставно ќе објасните што е дигитален маркетинг?
Секој бизнис/компанија, сака да допре со својот бренд (производ, услуга) до својата целна публика. Интернетот овозможува, со помош на разни канали (веб сајтови, социјални мрежи, пребарувачи, емаил…) полесно од било кога, брендовите да стигнат до својата публика. А, сето тоа, со голема прегледност и транспарентност на буџетот што се вложува, како и можност за негово оптимизирање. Резултатите се следат во реално време. Со неколку реченици, тоа е дигитален маркетинг.
Кој може да се бави со дигитален маркетинг?
Секој кој има креативност и аналитички способности во себе, може да се пронајде во професијата. Секако, за старт е потребна добра теоретска подготовка, а потоа многу пракса и работа.
Оваа професија е толку динамична, што е потребно постојано да се биде во чекор со сите промени кои се случуваат, во реално време. Само така постојано ќе може да развивате критичка мисла и да станувате се подобри во својата работа.
Дали може да констатираме дека модерните компании не можат без дигитален маркетинг?
Секако. Ниту традиционалните, ниту модерните компании не можат без дигитален маркетинг. Дигиталниот маркетинг не е целосна замена за традиционалниот маркетинг, меѓутоа е клучна алатка за уште поголем раст на бизнисите.
Како експерт во областа на дигитален маркетинг, и како еден од предавачите на A1 Academy дали сметате дека учесниците ќе бидат подготвени да влезат во светот на дигиталниот маркетинг?
Учесниците е најважно да развијат критично мислење за професијата. Тие дефинитивно ќе ги научат сите важни основи преку оваа академија, но многу е важно и да ги разберат и да знаат како да се насочат кога ќе продолжат да се занимаваат со дигитален маркетинг.
Ние сме тука за сите прашања на учесниците, и да им помогнеме да го развијат тоа критично мислење.
Кои вештини ќе ги стекнат учесниците по завршување на курсот?
Ќе покриеме се она што е потребно за да учесниците навлезат во светот на дигиталниот маркетинг – социјални мрежи, емаил, search engine optimization и Google Ads. Ќе дознаат и основи за WordPress (најкористен content management system за изработка и одржување на веб сајтови).
И најважно, за крај, ќе обратиме внимание на анализата и обработка на податоците кои ги добиваме од дигиталниот маркетинг, а со тоа и како да ги оптимизираме нашите резултати.
Кој е твојот совет за идните учесници на академијата?
Секој еден ваков настан е одлична шанса, не само за учење на нови вештини, туку и за вмрежување на учесниците. Никогаш не се знае кога едно ново пријателство може да ја донесе следната нова голема бизнис идеја.
Затоа, не се двоумете да инвестирате дел од вашето време и да се соберете на едно место со слични ентузијасти како вас.